вторник, декември 26, 2006

АЕК - скап украс

100 вработени и над 4 милиони евра буџет. Импресивен формат! А импресивни резултати? На пример, евтин интернет, квалитетен интернет, широкодостапен интернет, конкуренција и во фиксната телефонија... Наместо резултати, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) скоро две години нуди само алиби. Де немале доволно моќ (да абдицираат), де се уште биле во формирање (иако постоеа и порано под друго име), де новинарите не ги разбирале работите, граѓанските здруженија биле нестручни, де само што не се видел некој аир од шетањето на „раководството“ по светот.

Интернет Македонија, на денешната прес-конференција, ги негираше тврдењата на Агенцијата дека пазарот на интернет услуги е целосно либерализиран. Според Интернет Македонија, смешно е да се зборува за постоење на конкурентен пазар кога цените за интернет пристап во Македонија се трипати повисоки од другите земји во Југоисточна Европа, а квалитетот е низок.

Зборувавме за интересни работи, на пример, зошто Македонија има најмал број интернет провајдери во регионот, или зошто е поголема веројатноста да ти падне клавир на глава одошто да добиеш одговор на приговор поднесен до АЕК.

Разврзувањето на локалната јамка, т.е. овозможувањето на другите провајдери да ја користат инфраструктурата на Телеком за да понудат поевтини телефонски и интернет услуги, е процес кој АЕК успешно го одлага веќе година и пол...

Повеќе за многу скапиот украс.