Јавно криење
Американизацијата ни донесе едно чудо изрази кои, често, не ги разбираме баш точно, па несоодветно ги преведуваме, а уште полошо ги употребуваме. „Информатичко“ општество е еден од нив. Односи со јавноста е друг. Една од маните на последниов е што некои под „однос“ подразбираат само оној од сексуален тип. А тој по конвенција се прави во интимна атмосфера, кришум, за да може на мира да се соочат атрибутите на партнерите.
Ваква, „секси“, журка, денес се одржа во Агенцијата за електронски комуникации. Насловот беше ЈАВНА расправа за тра-ла-ла (целиот назив не е битен). Владо Апостолов е еден од новинарите на кои денес им беше затворена вратата на Агенцијата (АЕК). Образложението е дека ако новинарите присуствувале на ЈАВНАТА расправа, тоа ќе се претворело во прес-конференција.
Е сега, се прашувам како јавноста ќе дознае што се расправало на ЈАВНАТА расправа. Ќе ја соберат целата во некое сопче на Агенцијата за да ја брифираат? Колку што знам, Агенцијата до сега никогаш не објавила информација за содржината на досегашните расправи, за изнесените предлози и забелешки и зошто истите се прифатени или одбиени. Така, АЕК без пардон го крши законот што треба да го „имплементира“.
Инаку, темата на не-баш-јавната расправа беше разгледување на една од ценовните ставки за услугите кои Телеком им ги дава на други оператори. Доколку АЕК одреди пониски ценовни ставки тогаш другите оператори ќе може да ја користат инфраструктурата на Телеком по пониски цени, па ќе може да понудат и поевтини телефонски и интернет услуги за граѓаните и фирмите.
Интернет Македонија по електронски пат достави забелешки за одредената цена на капиталот, која АЕК предлага да биде над просекот во ЕУ - што ќе се рефлектира и врз цените за крајните корисници.
Нема коментари:
Објави коментар