недела, декември 31, 2006

Лажливи сајтови

Судејќи според последните марифетлаци, се чини дека и во новата година Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ќе има чуден „однос“ со јавноста.

АЕК на 22 декември објави јавна расправа за последниот предлог-правилник (PDF, 37 KB). Во објавата стоеше дека јавната расправа ќе трае до 10 јануари и во тој период сите ќе можат да поднесат забелешки за предложениот текст. Во петокот, 29 декември, без никакво објаснување или посебно известување, ја сменија датата и сега јавната расправа трае до... баш до 29 декември. Сите што планирале после Нова година да поднесат забелешки за правилникот - може да се сметаат за зафркнати. Нека викнат „Уа, шнајдери“ и нека им служи како утеха дека, сепак, ги зезнале на ептен фраерски начин.

Инаку, законска обврска на Агенцијата е пред да ги усвои правилниците да ги објави за јавна расправа која треба да трае минимум месец дена. АЕК остава една или максимум две недели за ваква расправа - сега и со променливи дати. Изгледа дека се решени да ја прошират и онака долгата листа на прекршени законски одредби.

Друг марифетлак на АЕК - со долг историјат, но со нова манифестација - е да објавува информации на својот веб-сајт под стар датум. Така на пример, претпоследното соопштение за јавна расправа беше објавено на 21 декември, а на него стои датум - 18 декември.

Непостоечки, или необновени државни сајтови се многу лоша работа. Лажливи државни сајтови - е тоа е веќе страшно.

петок, декември 29, 2006

Бесплатен dial-up

Владата, преку оглас во дневните весници, ги објави детаљите како да се искористи бесплатниот интернет во сабота, недела, понеделник и вторник. Бесплатниот телефон е 055-200-200, username: vladanarm, password: ostvaruvame.

среда, декември 27, 2006

Интернет пенетрација од 1999 до 2006 год според ИТУ

Интернет пенетрација од 1999 до 2006 год според ИТУ

Internet penetracija 99-2006.jpg

Само податоците за 2006 година се земени одwww.internetworldstats.com

Internet penetracija 99-2006 tabela.jpg

Цени на АДСЛ конекција

Ceni ADSL.jpgCeni ADSL tabela.jpg

вторник, декември 26, 2006

АЕК - скап украс

100 вработени и над 4 милиони евра буџет. Импресивен формат! А импресивни резултати? На пример, евтин интернет, квалитетен интернет, широкодостапен интернет, конкуренција и во фиксната телефонија... Наместо резултати, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) скоро две години нуди само алиби. Де немале доволно моќ (да абдицираат), де се уште биле во формирање (иако постоеа и порано под друго име), де новинарите не ги разбирале работите, граѓанските здруженија биле нестручни, де само што не се видел некој аир од шетањето на „раководството“ по светот.

Интернет Македонија, на денешната прес-конференција, ги негираше тврдењата на Агенцијата дека пазарот на интернет услуги е целосно либерализиран. Според Интернет Македонија, смешно е да се зборува за постоење на конкурентен пазар кога цените за интернет пристап во Македонија се трипати повисоки од другите земји во Југоисточна Европа, а квалитетот е низок.

Зборувавме за интересни работи, на пример, зошто Македонија има најмал број интернет провајдери во регионот, или зошто е поголема веројатноста да ти падне клавир на глава одошто да добиеш одговор на приговор поднесен до АЕК.

Разврзувањето на локалната јамка, т.е. овозможувањето на другите провајдери да ја користат инфраструктурата на Телеком за да понудат поевтини телефонски и интернет услуги, е процес кој АЕК успешно го одлага веќе година и пол...

Повеќе за многу скапиот украс.

Бесплатен интернет

На 30, 31 декември годинава и 1, 2 јануари идната година, Владата ќе обезбеди бесплатен интернет за сите граѓани, најави вчера Иво Ивановски, новиот министер без ресор задолжен за информатичко општество.

Корисничкото име за бесплатниот интернет за време на новогодишните празници е "владанарм" и лозинка "остваруваме". Владата покрај трошоците за пристапот преку сите провајдери во земјава, ќе ги покрие и трошоците за импулсите.

Министерот Ивановски вети неколкудневен бесплатен пристап до интернет и во мај, како и кон крајот на 2007 година. Тој најави и масовна информатичка програма за едукација на граѓаните, што ќе биде објавена во медиумите кон крајот на март идната година.

Горното е преземено од Вечер - Четири дена бесплатен интернет.

петок, декември 22, 2006

Иво Ивановски

Собранието вчера доцна попладнето го избра Иво Ивановски за министер без ресор во Владата на премиерот Никола Груевски, кој ќе биде задолжен за информациско општество.

Ивановски доаѓа од САД, каде што работел во компанија за пластика. „Пласколајт инк.“ една од поголемите фабрики за пластика во Охајо - САД - како директор на секторот за информациска технологија. Ивановски (28 години) поседува повеќе дипломи од америчките универзитети .... Ивановски е и еден од основачите на Македонската православна младинска асоцијација во Северна Америка.

И досега се споменуваше името на Ивановски како иден министер за информациско општество. До назначувањето, Иво Ивановски беше советник на премиерот за ИТ. Ивановски по потекло е Битолчанец.

Па, Иво, нека ти е среќно назначувањето - ти посакуваме успешни резултати во твојот ангажман во Владата на РМ.

Министер за информациско општество

Вчера во Собранието е избран министер без ресор, Иво Ивановски, задолжен за информациско општество.

Шефот на македонската Влада рече дека овој чекор за избор на министер без ресор го повлекуваат откога загубиле два месеци во колебање на опозицијата да даде поддршка на закон со кој би се основало ново министерство за информатичко општество.

Доколку во иднина ја добиеме таа поддршка ова место на министер без ресор ќе се укине и министерот ќе премине како министер на министерството за информатичко општество, додаде Груевски. (Канал 5)
За Иво Ивановски е наведено дека работел 11 години како ИТ менаџер во компанијата „Пласколајт“ во САД. (ВМРО-ДПМНЕ)

Според Утрински, Ивановски во САД работел во компанија за пластика. Веројатно оваа.

четврток, декември 21, 2006

www.needvisa.net

Интернет кампањата за укинување на визната изолација наметната од земјите на ЕУ ја започна својата македонската промоција. Невладината организација Граѓански пакт за Југоисточна Европа од Нови Сад, во соработка со Форумот на европски студенти по новинарство и организаторите на кампањата „Виза – Ај батали!“ го претставија веб-сајтот www.needvisa.net. (МРТ on-line; НВО Инфоцентар)

Сајтот, наменет за Македонија, Албанија, БиХ, Србија и Црна Гора, нуди информации за кампањата и на луѓе што барале виза. Избирајќи од каде си и каде во Европа сакаш да одиш, добиваш информација на англиски јазик за визниот режим со таа земја, процедурите и трошоците за вадење виза. Документ со слична содржина објавуваше и Министерството за надворешни работи. Линкот се уште стои на страната на МНР, но сега води кон:

The page you are looking for might have been removed, had its name changed, or is temporarily unavailable.
Покрај тоа, за документот е наведено дека е во .pdf формат, но адресата укажува на .doc формат. Интернет Македонија ќе упати барање до МНР повторно да ги објави информациите за визниот режим на својот сајт, по можност како веб-страни, или барем како документ во некој посоодветен формат од .doc. Во меѓувреме, need visa?

Младите се колнат во интернет

Сè повеќе кон интернет изданијата:
„Дали традиционалните медиуми ја губат младата публика беше тема на која дебатираа младите и претставници на медиумите.

Дел од младите учесници во дебатата сметаат дека традиционалните медиуми ја губат публиката и како аргументи за тоа ги упатија забелешките на традиционалните медиуми дека програмите што ги нудат не ги задоволуваат нивните вкусови, дека не се заинтересирани за покривање на нивните активности освен ако не се поканети некои важни личности, како и тоа дека интернет изданијата нудат многу повеќе од традиционалните медиуми.

Наспроти ова оние кои беа против ваквото мислење како предност на традиционалните медиуми ги искажаа веродостојноста на податоците, наспроти оние на интернет, како и тоа дека интернет во Македонија користи само 13 проценти од населението, бројка која укажува оти дека традиционалните медиуми не ја губат младата публика.“

Младите се колнат во интернет, медиумите велат дека се апатични:
„Иако интернет и новите медиуми кои го користат како платформа претставуваат алтернатива поблиска до нивниот менталитет и барања, ниското ниво на пенетрација на интернет во Македонија се уште го ограничува нивното влијание како коректор на традиционалните медиуми.“

Расправата се одржала вчера во организација на НВО Инфоцентарот од Скопје и Младинскиот образовен форум. Коментар има и на Комуникации - media blog. Бидејќи првичната информација за ова ја добив преку интернет изданието на еден традиционален медиум (МРТ), а потоа посурфав во потрага по нови информации, дебатата изгледа како излишна - традиционалните и новите медиуми се испреплетуваат и надополнуваат.

понеделник, декември 18, 2006

Јавно криење

Американизацијата ни донесе едно чудо изрази кои, често, не ги разбираме баш точно, па несоодветно ги преведуваме, а уште полошо ги употребуваме. „Информатичко“ општество е еден од нив. Односи со јавноста е друг. Една од маните на последниов е што некои под „однос“ подразбираат само оној од сексуален тип. А тој по конвенција се прави во интимна атмосфера, кришум, за да може на мира да се соочат атрибутите на партнерите.

Ваква, „секси“, журка, денес се одржа во Агенцијата за електронски комуникации. Насловот беше ЈАВНА расправа за тра-ла-ла (целиот назив не е битен). Владо Апостолов е еден од новинарите на кои денес им беше затворена вратата на Агенцијата (АЕК). Образложението е дека ако новинарите присуствувале на ЈАВНАТА расправа, тоа ќе се претворело во прес-конференција.

Е сега, се прашувам како јавноста ќе дознае што се расправало на ЈАВНАТА расправа. Ќе ја соберат целата во некое сопче на Агенцијата за да ја брифираат? Колку што знам, Агенцијата до сега никогаш не објавила информација за содржината на досегашните расправи, за изнесените предлози и забелешки и зошто истите се прифатени или одбиени. Така, АЕК без пардон го крши законот што треба да го „имплементира“.

Инаку, темата на не-баш-јавната расправа беше разгледување на една од ценовните ставки за услугите кои Телеком им ги дава на други оператори. Доколку АЕК одреди пониски ценовни ставки тогаш другите оператори ќе може да ја користат инфраструктурата на Телеком по пониски цени, па ќе може да понудат и поевтини телефонски и интернет услуги за граѓаните и фирмите.

Интернет Македонија по електронски пат достави забелешки за одредената цена на капиталот, која АЕК предлага да биде над просекот во ЕУ - што ќе се рефлектира и врз цените за крајните корисници.

среда, декември 13, 2006

АЕК vs. ТЕЛЕКОМ

По многуте критики упатени кон АЕК дека е кочничар на развојот на македонските електронски комуникации - АЕК како да сврти нов лист и еве деновиве најавува дека се подготвува Методологијата за пресметување на пондерирана просечна цена на капиталот (Weighted average cost of capital-WACC) - што би требало да доведе до поефтинување на интерконекцијата и таканаречената ЛЛУ ...

На високите цени за интерконекција се жалеа сите останати оператори во телекомуникацискиот бизнис - Космофон - Он.нет ... а на високата цена за ЛЛУ се жалеа сите ИСП-ња - кои заради ова не можат да нудат интернет и други услуги по бакарните жички кои сега се во сопственост на МТ...

Македонски телекомуникации“ од јануари наредната година ќе мора на постојните и идните оператори на мобилна и фиксна телефонија да им нуди услуги што ќе ги наплатува по цени базирани на реалните трошоци. - АЛЕЛУЈА - АЕК требаше ова одамна да го направи ...

Токму на цените во референтната понуда за интерконекција се жалеше мобилниот оператор "Космофон" дека Телеком како оператор со значителна пазарна моќ наплаќа дури три пати повисоки цени за меѓусебно поврзување.

На оваа понуда сериозни забелешки има и интернет провајдерот "Он-нет" кој се подготвува од февруари 2007 година да стартува како втор фиксен оператор. Од "Он-нет" забележуваат дека со постојните цени на меѓусебното поврзување, другите оператори не можат да му бидат конкурентни на Телеком бидејќи фиксниот оператор им нуди во локалниот телефонски сообраќај да им продаде минута разговор на големо за 1,7 денари, додека на своите корисници има наплатува само еден денар.

Последните три пасуса се преземени од денешен Вечер - од написот Контрола на профитот на Телеком!

вторник, декември 12, 2006

УСБ токен

Комерцијална банка - во соработка со УНЕТ - по Нова Година ќе почне со нов вид на услуга ...
Се работи за плаќање преку Интернет - со помош на таканаречениот “УСБ токен“ ....

Комерцијална банка АД Скопје е прва банка во Европа која заедно со Unet започна соработка со VeriSign, од која корист ќе имаат сите граѓани и фирми од нашата држава кои ги посетуваат и плаќаат на странските е-commerce интернет страници.

На почеток на jануари 2007 ќе се започне со употреба на one time password токени кои, покрај за пристап до Интернет банката, ќе може да се употребуваат и за најавување на сите Интернет страници во VIP мрежата, кои глобално работат на овој принцип (купување со кредитни картички со дополнителна автентификација преку ваков вид на токен).

понеделник, декември 11, 2006

Демистификација - преносливост на број

ШТО на број? Ај да преведам. Еве, на пример, сакаш да се преселиш од Ѓорче во Аеродром и да го задржиш истиот број на фиксниот телефон. Од Телеком ти викаат: „Ау, тоа е невозможно!“ После вртиш кај братучетка ти што работи во Телеком и ти вика: „Нема проблем, ќе средам за пет минути.“

А што ако посакаш да се префрлиш од Ти мобајл на Космофон, или обратно, без да ти се смени бројот на мобилниот? Хмм, ќе бараш братучетки што работат во двете фирми? Утре може ќе посакаш и да го задржиш бројот на фиксниот телефон, а во исто време да преминеш од Телеком кон некој друг - hopefully поевтин - фиксен оператор.

Пусти желби? Не, од пред 20 месеци ова се законски права на секој претплатник. Во јазикот на бирократите го добиваат шифрираниот назив „право на преносливост на број“. Правото денес постои само на хартија (читај: закон), а за да почне практичната примена, Агенцијата, КОНЕЧНО, се реши да донесе правилник (читај: уште хартија). Како и со другите хартии од АЕК, и со оваа се предлага ограничување на правата на претплатниците (.DOC, 171 KB), и штитење на операторите... Пред сè Телеком.

Преносливоста на број не е директно поврзана со интернетот, но е поврзана со заштита на правата на претплатниците и создавање на конкуренција меѓу операторите. Затоа, Интернет Македонија поднесе забелешки на предложениот правилник. На Агенцијата и предложивме:
  • правото за пренесување на телефонски број од една на друга адреса да почне да се применува веднаш (за да не се деранжираат братучетките вработени во Телеком);
  • правото за пренос на број од еден мобилен оператор на друг, или од фиксен кон друг фиксен оператор да почне да се применува од јули следната година (наместо октомври 2008);
  • да не се измислуваат причини за натамошно развлекување на овие рокови;
  • еднократниот надомест за пренос на телефонскиот број, кој ќе го наплаќат операторите, да не биде повисок од 350 денари;
  • операторите да не можат своеволно да наметнуваат дополнителни услови за преносливост на број;
  • во случај кога претплатникот судски ги оспорил сметките од операторот, неговото барање за пренесување на број да не може да биде одбиено поради неплатените сметки;
  • при одбивање на барање за пренесување на број, претплатникот задолжително да биде информиран за причините за одбивањето;
  • споровите за пренесување на број Агенцијата да ги решава во рок не подолг од 15 дена (наместо 42-120 дена).

недела, декември 10, 2006

Информациското општество и новата Влада

Таман мислевме дека новата Влада заборави на своите предизборни ветувања во врска со

развојот на новите технологии и Интернетот како медиум ... нели, во предизборието се ветуваше:
  • Дека ќе го укинат монополот на МТ (де факто укинување...) ... Тука Владата започна со проба да ја смени АЕК - која стана најголем кочничар во фактичкото демонополизирање на МТ... Сега околу Нова Година ќе излезе на виделина нов закон за спојување на АЕК и Советот за радиодифузија ...
  • Дека ќе обезбеди услови за поевтинување на Интернет пристапот ... како, уште не слушнавме ...
  • Дека ќе обезбеди бесплатен Интернет за сите граѓани во Македонија во период од, година дена, чинам беше ....
  • Дека ќе обезбеди евтини компјутери за сите граѓани на Македонија и посебно за учениците и студентите ...
  • Дека ќе пристапи кон државна интервенција во областа на информациското општество и зголемувањето на ИП ....
  • Сето ова ќе доведе до зголемување на Интернет пенетрацијата во МК ... А Интернетот е продуктивна работа ... така да, со време сите ќе сфатиме кои се предностите на високиот процент на ИП ...
Значи, таман мислевме дека Владата ги заборави своите предизборни ветувања и се спремавме да ја напаѓаме за тоа - на денешниот прес, Вицепремиерот на Владата, Зоран Ставревски обзнани:
  • власта ќе го развива информациското општество;
  • ќе се набавуваат компјутери за сите деца во училиштата.
„Средствата се веќе обезбедени половина во буџетот за 2007 година, околу девет милиони евра, и останатите ќе бидат обезбедени во буџетот за 2008 година. Вкупниот проект предвидуваме да чини околу 20-22 милиони евра“, изјави Зоран Ставревски, вицепремиер за економски прашања.

Интернет Македонија стои на располагање да помогне во процесите, кои ги започна Владата, а одат во правец на подобрување и поевтинување на Интернет пристапот во МК - што всушност се првите и главните програмски начела на НВО - ИМ.


Извор на веста е написот на А1 - Владата ќе го развива информатичкото општество

петок, декември 08, 2006

Пораст на МК - ИТ пазар

Од денешен Вечер дознаваме дека - водечката светска маркетинг и консалтинг компанија ИДЦ ја направи првата студија за македонскиот ИТ пазар.

** Приходите од ИТ во земјава за 2005, според студијата се зголемени за 17 проценти, односно нешто над 73 милиони долари, а за годинава се предвидува растот да биде уште 15 проценти.

** Македонската влада, се вели во анализата, и натаму е водечки купувач на ИТ, а по неа следат банкарскиот и телекомуникацискиот сектор.

** Водечките сегменти на македонскиот ИТ пазар во 2005 години беа персоналните компјутери чиј промет е зголемен за над 24 проценти.

АЕК сепак ќе биде сменета

Новата Влада изгледа сепак најде начин како да ги смени луѓето во АЕК кои ги прогласи за кочничари во либерализацијата на телекомуникацискиот сектор во МК.

Имено до крајот на годинава Владата планира да се укинат Советот за радиодифузија и Агенцијата за електронски комуникации и да се формира единствено регулаторно тело, кое ќе ги обединува нивните надлежности и ќе се вика агенција за електронски комуникации и радиодифузија.

Извор - денешен Дневник - ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА РАДИОДИФУЗИЈАТА

** Со тоа ќе се реализира делот од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за соединувањето на двете регулаторни тела до крајот на годинава. Според програмата, спојувањето се прави за да се создаде мала и ефикасна администрација со цел да се привлечат странски инвестиции во телекомуникацискиот и радиодифузниот сектор и поголема либерализација на овие пазари.

** Со измените на двата закона ќе престанат мандатите на актуелните членови на двете независни регулаторни тела, кои беа избрани во мандатот на СДСМ.

четврток, декември 07, 2006

НА ИНТЕРНЕТ - ТАЈНИ ДОСИЕЈА!


Бугарскиот Парламент - Народно събрание на България - донесе закон за отворање на тајните досиеја од времето на студената војна ... За нас интернетџиите интересно е тоа што бугарскиот законодавец предвидел тајните досиеја да ги закачи на интернет и сите кои сакаат да дознаат дали имаат тајно досије ќе можат тоа да го сторат непречено во едноставна процедура на Интернет ...

Бугарија и со овој потег неминовно ќе ја зголеми ИП (интернет пенетрацијата) ....
Извор на веста денешен Вечер: Тајните документи на интернет

среда, декември 06, 2006

WiMax - ТЕНДЕР

Изгледа дека Владата и АЕК почнаа да дуваат низ ветер заедно ... По формирањето, новата Влада настојуваше да најде начин како да го смени раководството на АЕК - кое го сметаше за еден од главните кочничари за де факто нелиберализацијата на телекомуникацискиот пазар во МК (нели ќе го менуваа законот...) ...

Тогаш АЕК го одбрани европската формална и неформална политика, која застана на страна АЕК, т.е. на принципот за независноста на “независната“ агенција АЕК ...

Брзо потоа следат две акции кои АЕК веднаш ги проследи...

Имено, во првиот случај се работеше за распишување на тендер за трет мобилен оператор со услови договорени со стручните лица на Владата ...
А еве сега, кратко време по посетата на Мајк Зафировски чија компанија е заинтересирана за развој на WiMax во МК .... АЕК распишува тендер за доделување на фрекфенции за радиофреквенции од опсегот 3,4-3,6 гигахерци за фиксен безжичен пристап WiMax.

Оваа услуга поддржува Интернет со поголем капацитет и брзина, како и Воип, кој овозможува пренос на секаков вид податоци, звук, говор, слика, видео итн.

Веста изворно ја прочитав во денешен Утрински - “Тендер за фреквенции за фиксен безжичен пристап WiMax


КНИГАТА И ИНТЕРНЕТОТ

Може ли книгата да биде загрозена од Интернетот!?

Ова е прашање кое го поставуваат многумина во светлото на слободата на пристап на Интернетот ... Умберто Еко (Umberto Eco), на саемот за книгата во Пула, изјавува дека сепак Интернетот не ја загрозува книгата ...

За ова пишува денешен Дневник - во написот:
Книгата не е загрозена од интернетот“

**
Тој го повторил своето уверување дека книгата не е загрозена од новите медиуми.
„Книгата веќе никој не може да ја промени“, изјавил Еко.
Тој не е загрижен за судбината на книгата во времето на глобализацијата и интернетот.