Лажливи сајтови
АЕК на 22 декември објави јавна расправа за последниот предлог-правилник (PDF, 37 KB). Во објавата стоеше дека јавната расправа ќе трае до 10 јануари и во тој период сите ќе можат да поднесат забелешки за предложениот текст. Во петокот, 29 декември, без никакво објаснување или посебно известување, ја сменија датата и сега јавната расправа трае до... баш до 29 декември. Сите што планирале после Нова година да поднесат забелешки за правилникот - може да се сметаат за зафркнати. Нека викнат „Уа, шнајдери“ и нека им служи како утеха дека, сепак, ги зезнале на ептен фраерски начин.
Инаку, законска обврска на Агенцијата е пред да ги усвои правилниците да ги објави за јавна расправа која треба да трае минимум месец дена. АЕК остава една или максимум две недели за ваква расправа - сега и со променливи дати. Изгледа дека се решени да ја прошират и онака долгата листа на прекршени законски одредби.
Друг марифетлак на АЕК - со долг историјат, но со нова манифестација - е да објавува информации на својот веб-сајт под стар датум. Така на пример, претпоследното соопштение за јавна расправа беше објавено на 21 декември, а на него стои датум - 18 декември.
Непостоечки, или необновени државни сајтови се многу лоша работа. Лажливи државни сајтови - е тоа е веќе страшно.