понеделник, февруари 26, 2007

WiMax место MaxADSL

Воведувањето на WiMax технологии во Македонија беше главна тема на денешната јавна расправа во Агенцијата за електронски комуникации. WiMax е технологија за безжичен бродбенд пристап, која треба да стане главна алтернатива на (А)ДСЛ и кабелскиот пристап. WiMax-от нуди уникатна можност да се привлечат нови инвестиции во комуникациските мрежи во Македонија и да се сруши статус-кво состојбата наметната од големите оператори.

Се чини дека Агенцијата се прешалта од лер во прва брзина во пресрет на 31 март, до кога треба да поднесе годишен извештај за своето работење. После година дена одолговлекување, денес најавија дека во втората половина на март ќе распишат тендер за користење на радифреквенцискиот опсег 3410-3600 MHz, наменет за ваквата технологија.

Пред голем број заинтересирани оператори и снабдувачи со опрема, беше претставена последната верзија на плановите за овој опсег. Ќе се доделуваат 2 национални одобренија за користење на опсегот и по три регионални одобренија. Територијата на Македонија ќе биде поделена на шест региони, од кои еден е скопскиот. Со оглед дека Скопје има најголема концентрација на население на најмала површина, реална е можноста тука да биде насочен главниот интерес и најголемите инвестиции, а некои други, помалку привлечни делови на Македонија пак да извисат. Затоа побаравме доделувањето на одобренија за Скопје да се услови и со развој на WiMax инфраструктура во некој друг регион.

Бидејќи WiMax-от нуди ретка можност да се заобиколи доминантната положба на Телеком, Интернет Македонија побара тие да бидат исклучени од тендерот, за што постои и одредена законска можност. Во спротивно може да се случи Телеком, самостојно или преку поврзани субјекти, да ги запоседне фреквенциите и со тоа да ја зацементира својата доминација, а поевтините, подостапните и поквалитетни услуги да останат само убави приказни од стратегиите. Затоа, тендерот мора да содржи добри заштитни механизми со рокови за спроведување на инвестициите поткрепени со големи пенали доколку тие не се реализираат.

Интернет Макеоднија побара почетниот износ кој добитниците на тендерот ќе треба да го платат за одбрението да биде минимален, за да се привлечат инвеститори во секторот. Ова е особено важно зошто, според некои пресметки, за еден оператор да ја покрие целата територија на Македонија може да му требаат и над 10 милиони евра, ако почнува од нула. Нема потреба оваа сума да се оптоварува и со големи давачки кон државата.

На крај, информацијата за јавната расправа беше објавена на веб-страната на Агенцијата дури во петокот, со напомена дека заинтерeсираните треба да се пријават до крајот на работното време. После променливите рокови, сега имаме и шок рокови. Веќе се навикнавме на адреналински јавни расправи.