понеделник, февруари 26, 2007

WiMax место MaxADSL

Воведувањето на WiMax технологии во Македонија беше главна тема на денешната јавна расправа во Агенцијата за електронски комуникации. WiMax е технологија за безжичен бродбенд пристап, која треба да стане главна алтернатива на (А)ДСЛ и кабелскиот пристап. WiMax-от нуди уникатна можност да се привлечат нови инвестиции во комуникациските мрежи во Македонија и да се сруши статус-кво состојбата наметната од големите оператори.

Се чини дека Агенцијата се прешалта од лер во прва брзина во пресрет на 31 март, до кога треба да поднесе годишен извештај за своето работење. После година дена одолговлекување, денес најавија дека во втората половина на март ќе распишат тендер за користење на радифреквенцискиот опсег 3410-3600 MHz, наменет за ваквата технологија.

Пред голем број заинтересирани оператори и снабдувачи со опрема, беше претставена последната верзија на плановите за овој опсег. Ќе се доделуваат 2 национални одобренија за користење на опсегот и по три регионални одобренија. Територијата на Македонија ќе биде поделена на шест региони, од кои еден е скопскиот. Со оглед дека Скопје има најголема концентрација на население на најмала површина, реална е можноста тука да биде насочен главниот интерес и најголемите инвестиции, а некои други, помалку привлечни делови на Македонија пак да извисат. Затоа побаравме доделувањето на одобренија за Скопје да се услови и со развој на WiMax инфраструктура во некој друг регион.

Бидејќи WiMax-от нуди ретка можност да се заобиколи доминантната положба на Телеком, Интернет Македонија побара тие да бидат исклучени од тендерот, за што постои и одредена законска можност. Во спротивно може да се случи Телеком, самостојно или преку поврзани субјекти, да ги запоседне фреквенциите и со тоа да ја зацементира својата доминација, а поевтините, подостапните и поквалитетни услуги да останат само убави приказни од стратегиите. Затоа, тендерот мора да содржи добри заштитни механизми со рокови за спроведување на инвестициите поткрепени со големи пенали доколку тие не се реализираат.

Интернет Макеоднија побара почетниот износ кој добитниците на тендерот ќе треба да го платат за одбрението да биде минимален, за да се привлечат инвеститори во секторот. Ова е особено важно зошто, според некои пресметки, за еден оператор да ја покрие целата територија на Македонија може да му требаат и над 10 милиони евра, ако почнува од нула. Нема потреба оваа сума да се оптоварува и со големи давачки кон државата.

На крај, информацијата за јавната расправа беше објавена на веб-страната на Агенцијата дури во петокот, со напомена дека заинтерeсираните треба да се пријават до крајот на работното време. После променливите рокови, сега имаме и шок рокови. Веќе се навикнавме на адреналински јавни расправи.

среда, февруари 21, 2007

„Зголемување на пенетрација на широкопојасен интернет во Македонија“

Нови стратегии се подготвуваат во Македонија ... По Националната стратегија за развој на информатичкото општество во Република Македонија со соодветниот Акционен план ... се спрема стратегија за широкопојасен интернет ...

Интернет Македонија (ИМ) доби покана да учествува на трибина:
Зголемување на пенетрација на широкопојасен интернет во Македонија “

која ќе се одржи во

Скопје, 27 февруари 2007 г.

Трибината се одржува со цел да ги адресира предизвиците и можностите за зголемување на широкопојасниот пристап на интернет со цел да се подобри квалитетот на текстот за широкопојасниот пристап на интернет во рамките на Националната стратегија за развој на електронски комуникации и информатички технологии којашто се подготвува од страна на работна група во рамките на Министерството за транспорт и врски на Република Македонија.

Еве дел од материјалот кој треба да прерасне во „стратегија“ ...

II.6. ШИРОКОПОЈАСЕН ИНТЕРНЕТ

II.6.1. Состојба

Споредбата на податоците добиени од истражувањата покажува дека во најоптимистички услови само 1/3 од граѓаните го користат интернетот (без ограничување на видот на пристап - дома, на работа, интернет кафе, школа, универзитет, мобилен уред). Имајќи го во предвид мерењето на индикаторот „интернет пенетрација“ според стандардите на ЕУ (15-74 години, пристап на интернет барем еднаш во последните 3 месеци без разлика на начинот), може да се заклучи дека овој процент на интернет корисници дополнително се намалува во рангот на 15-20%. Ова претставува значително доцнење во однос на растот на корисници во ранг на ЕУ.

Иако нема јасни статистички податоци може да се заклучи дека реалниот процент на броудбенд пенетрација (процент на вмрежени домови и компании со помош на широкопојасна интернет конекција) во Република Македонија е на ниво пониско од последната рангирана земја членка на ЕУ (2%).

Од поважните настани, законски акти и проекти кои позитивно влијаеја за подобрување на состојбата треба да се одбележат:

  • Донесувањето на Законот за електронски комуникации што доведе до зголемена конкурентност.
  • Донесувањето на Националната стратегија за развој на информатичкото општество во Република Македонија со соодветниот Акционен план доведе до зголемување на квалитетот на е-услугите кон граѓаните.
  • MKConnects, проект на USAID реализиран од провајдерот ОнНет овозможи комплетно вмрежување на сите училишта во цела Македонија, без разлика на нивната гео-положба. Воедно овозможи конкуренција на пазарот на броудбенд понуда преку инсталирање на паралелна 'рбетна мрежа и достап до последната милја преку модерна технологија која не зависи од бакарот на инкумбент операторот (МакТел).
  • Освен ADSL пристапот на Македонски Телекомуникации, во изминатот период се појави конкуренција на броудбенд интернетот преку кабелските телевизии, останати провајдери но и неформалните урбани WiFi мрежи.

Освен позитивните чинители кои го придвижија зголемувањето на бројот на корисници на броудбенд интернет, постојат и причини зошто овој раст е несразмерно низок во однос на ЕУ стандардите:

  • Скап и тешко достапен бекбоун пристап.
  • Недоволно изградена независна оптичка мрежа низ државата.
  • Спор развој на процесот на либерализација на електронските комуникации особено покажан преку тромоста на процесот за интерконекција
  • Недоволно развиените и недоволно регулираните пазари за продажба на производи и услуги на големо како што се разврзаниот пристап до локална јамка и локална подјамка за вршење на широкопојасен интернет и можноста за големопродажен броудбенд пристап (посебно IP битстрим пристапот) беа главни елементи за непостоењето на конкуренција на ADSL пазарот како и triple play услугите.
  • Сите градежни зафати (канали, поставување на антени, пристап до корисници) за телекомуникациски услуги се поставени во прва класа на градби, според Законот за градење, што непотребно ја комплицира изведбата на инфраструктурата (особено последната милја), што ја забавува и поскапува броудбенд пенетрацијата
  • Дистрибутивните магистрали на кабелските мрежи се претежно бакарни, што ја отежнува нивната дигитализација и нудењето на напредни triple-play услуги.

II.6.2 ЕУ Трендови и стратешки определби

Според ECTA и EUROSTAT просекот на броудбенд пенетрација на ниво на ЕУ-10 (новопримени земји во ЕУ) е околу 4%. Стандардот на европско ниво (ЕУ-25) е 12-14%, со напомена дека високо-развиените ЕУ држави имаат броудбенд пенетрација на ниво од 20 до 25%. Одредбата на ЕУ преку поттикнувањето на конкурентноста и употребата на повеќе напредни технологии како FTTH, 3G, WiMax, разврзан DSL, големопродажен широкопојасен интернет пристап (вклучувајќи и пристап на ниво на IP битстрим) овозможува квалитетни и поволни понуди за граѓаните и компаниите.

Броудбенд пристапот овозможува пристап до сите е-услуги, и претставува основна алатка за надминување на дигиталниот јаз. е-Инклузијата единствено може да се постигне преку воведување на широкопојасен интернет пристап во сите домови и компании, а тоа е заложба на i2010, како еден од основните носители на трансформацијата кон економија базирана на знаење.

Како една од мерките за надминување на широкопојасниот јаз, ЕУ предвидува и употреба на структурни фондови за овозможување на широкопојасен пристап за руралните средини, кои се допрецизирани во “Guidelines on criteria and modalities of use of Structural Funds for electronic communications" од Европската Комисија.

Додатна поддршка за овој процес доаѓа преку директивата за креирање на национални броудбенд стратегии која е преземена како обврска и во eSEE иницијативата, со што се поттикнува броудбенд развојот во регионот на ЈИЕ. Овие стратегии се базираат на регулаторната рамка, државна поддршка за широкопојасен пристап во руралните средини, поврзување на школите, болниците, локалните самоуправи и стимулирање на побарувачката за широкопојасен пристап. Предностите во новите и идни членки на ЕУ се јасни: едуцирана работна сила, добри искуства во развојот на информатичкото општество, јак потенцијален економски раст благодарение на транзицијата кон економијата базирана на знаења.

i2010 налага ЕУ во наредните неколку години да постигне позитивен раст и надминување на броудбенд јазот на географско, економско ниво и на ниво на атрактивни дигитални содржини и е-услуги. Имајќи го во предвид почетното заостанување тоа значи дека Република Македонија мора да направи дополнителни напори и со значително зголемена брзина да го постигне растот на броудбенд пенетрацијата.

Предностите на широпојасниот интернет пристап во ЕУ се базира на примената во: телемедицина и е-здравство (рурални медицински центри кои аутсорсуваат врвни експерти по потреба, неподвижни пациенти и онлајн мониторинг, далечинско дијагностицирање), е-Влада (суштинска децентрализација и е-демократија), е-образование (доживотно неформално учење, портали за е-учење, е-дневник, далечинско учење на универзитети низ цел свет), рурален развој (е-агро бизнис апликации, туризам, ИКТ ресурсни центри и е-точки), и е-бизнис.

Редистрибуцијата на знаења и капитал како суштинска децентрализација ќе биде можна само доколку конкуренцијата на бродбенд пазарот се поддржи и поттикне законски и инфраструктурно низ целата територија на Република Македонија.

Вообичаени пристапни брзини во руралниоте средини во ЕУ кои би требало да бидат прифатени и на нашиот пазар се движат од минималната брзина која се смета за широкопојасен интернет - 144kbps - 512kbps. Во урбаните средини просекот во 2005 е 512-1024kbps, со забелешка дека во развиените држави на ЕУ оваа брзина во моментов се движи од 3 до 16 mbps во просек.

II.6.3. Мерки

Изработка на стратегија за широкопојасен интернет

Изработката на бродбенд стратегијата е обврска од i2010 и eSEE 2005. Изработката на стратегијата ќе се спроведува во три фази:

  • Припремна фаза (анализи чии резултати се неопходни пред почеток на изработка на документот, идентификација на мултисекторскиот експертски тим кој ќе ја припрема стратегијата, изработка на компаративна анализа на европските искуства во дизајнот и имплементацијата на национални бродбенд стратегии).
    • На изработката на стратегијата ќе и претходни темелна SWOT анализа и мерење на индикаторите кои се поврзани со изработката на оваа стратегија со цел да се добие јасна нулта позиција и едноставно да се мери прогресот при имплементацијата на истата.
    • Исто така пред дизајнот на бродбенд стратегијата е потребна сериозна анализа на можностите за „државна интервенција“на пазарот за широкопојасен интернет преку помош на IPA или слични меѓународни и домашни (буџетски) фондови, можно поврзување со интересите на академските мрежи (МАРНет - ГЕАНТ2) и приватно-јавно партнерство во руралните средини.
  • Дизајн на бродбенд стратегијата имајќи ги во предвид насоките од овој документ, анализите кои ќе претходат на процесот, насоките од ЕУ и НСРИО.
    • Стратегијата за широкопојасен интернет ќе мора да предвиди такви мерки кои ќе резултираат во опкружување кое ќе ги стимулира и supply и demand страната, преку:
      • создавање поволни услови за инвестиции на приватниот сектор во широкопојасна интернет инфраструктура
      • овозможување на фер услови за обезбедување на конкуренција меѓу провајдерите на броудбанд мрежи и услуги
      • кооперација меѓу јавниот и приватниот сектор во развој на мрежите во областите кои се сметаат за помалку развиени.
      • активности на повлекување на структурните фондови на ЕУ за развој на широкопојасна инфраструктура
      • едуцирање на корисниците за бенефитите од користењето и развојот на сервисите, апликациите и содржината.
      • Стратегија за поддршка на создавање на достапни, корисни, поучни и интересни е-содржини и е-услуги
      • Стратегијата за широкопојасниот интернет ќе се базира на идентификација на најважните проблеми и прецизна дефиниција на улогите на секој учесник во процесот.
  • Мониторинг на имплементацијата на стратегијата (со особен фокус на улогата на НВО секторот и Националниот совет за информатичко општество)

Мерка 2.6.а. Изработка на Стратегија за развој на широкопојасен интернет во Република Македонија со акционен план.

Мерка 2.6.б. Промени на сите законски решенија со кои ќе се овозможи промена на категоризацијата на градежните зафати за телекомуникациски услуго.

Мерка 2.6.в. Воведување на конкуренција на големопродажен броудбенд пристап (особено за IP битстрим пристапот).

Мерка 2.6.г. Иницирање на дијалог помеѓу сите заинтересирани страни за формирање на Internet Exchange во склоп на МАРНет или како независна институција.

Мерка 2.6.д. Пропишување на минимални технички стандарди за изградба на инфрaструктура за кабелски оператори

Мерка 2.6.ѓ. Во соработка бизнис и НВО секторот да организираат еднодневни обуки за користење на интернет и е-услуги за сите заинтересирани граѓани.

Мерка 2.6.е. Администрирањето на .mk да биде анализирано од страна на Националниот совет за информатичко општество и да припреми препораки базирани на европските искуства.

Марка 2.6.ж. Изготвување на акционен план за воведување на IPv6

интернет протоколот

Мерка 2.6.з. е-Пристапност. Принципот на овозможувањето на еднакви шанси за сите граѓани мора да се почитува. Без разлика дали се работи за комуникациски системи, ИКТ, софтвер, содржина (текстуална, аудиовизуелна), уреди за пристап до интернет, е-точки, софтверски производи, мобилни телефони, уреди за прием на дигитална телевизија, предизвикот за користење на новите технологии постои особено за луѓето со хендикеп. Потребно е да се припреми водич за е-Пристапност кој би бил основа за иницирање на стратешки документ за е-Пристапност


„Мајкрософт“ - Академија во Скопје

Еве и Мајкрософт се вклучува во продукцијата на ИКТ кадри во Македонија ... отвора своја Академија ...

Академија на „Мајкрософт“ вчера беше отворена на Факултетот за електро и информатичка технологија (ФЕИТ), а е наменета за студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Таа претставува заеднички проект на компанијата „Мајкрософт“ и на ФЕИТ.

Предавањата се специфични бидејќи содржат однапред подготвена презентација од „Мајкрософт“. Наставата е на англиски јазик и е за ограничен број студенти, најмногу триесетина. По завршувањето на курсот студентите полагаат сертифициран тест организиран од централата на компанијата...

Студентите по дипломирањето не се подготвени директно да почнат да работат продуктивно во ИТ-компаниите бидејќи немаат доволно практично искуство. Оваа академија нуди знаења токму во тој правец ...

Еден курс ќе трае од десет дена до неколку недели, а цената се движи од 100 до 300 евра.

Изворно линк тука.

Да не е ова само бизнис ??!

понеделник, февруари 19, 2007

Има сепак ефект

EconomistБев зачуден кога пред некој ден ми пристигна email од еден британец кој вели дека деновиве прочитал статија(а и видел реклама) во магазинот за екомонија Economist за тоа каква држава сме за инвестирање.

Човекот(директор на една компанија за WiFi опрема) за да се осигура дали сме навистина првата WiFi земја во светот, не им пишал на провајдерите и фирмите во Македонија, туку нашол Community и решил да ми пише на мене(нас).

Ова ме трогна бидејќи изинатиот период доста луѓе пишуваа за како се трошат парите и дали е потребна ваква кампања. Според мене поголем ефект има пишувањето во вакви магазини и сториите во специјализирани емисии за одредена област како што беше ClickOnLine на BBC, одколку реклами на CNN.

Ова има ефект за странците, а е болна лага за нас македонците, во секој случај на човекот му објаснив:

  • дека имаме одличен информатички кадар кој е движечка сила во светот
  • млади, креативни и паметни информатичари
  • вреден народ
  • ефтина работна сила
  • лоша администрација
  • лошо судство
  • А дека е лага за бесплатниот интернет и 100% пристап на WiFi на целата територија

Деновиве ќе дојде еден инфеститор од USA кој ќе треба да инвестира во Software-ска компанија во која работи(преку интернет) еден мој другар, а јас пак работам во иста таква компанија која гради канцеларии во Скопје и вработува нов млад кадар.

Мислам дека иднината на оваа држава лежи токму во ова област и требаме да обрнуваме повеќе внимание а и да сме горди на талентот на младите наши информатичари.

Wireless TV

 Одлична идеjа како аудио и видео сигналот можете да го пренесувате насекаде. За што се работи!? Имено замислете како би било во секоја соба од вашата куќа да имате кабли до секој радио и видео приемник. Но сега со уредот наречен GiGaVideo80 вие ќе можете да пренесувате и примате 2 аудио и видео сигнала и да ги swich-увате по потреба. Најдоброто од се е тоа што можете да ги користе вашите постоечки далечински управувачи и да менувате канали, премотувате филмови или да го контролирате PC-то(ако имате IR за PC).

На ова балканците им текнало да пренесуваат AV сигнал преку отворените мрежи, а предосеќам дека за брзо време ќе се појави software-ска верзија на приемникот(па така ќе можеме и да гледаме и на PC).

Ова е топла вода во однос на software-ското пренесување на TV сигнал. Имено јас кај Јоцо преку Skype, преку неговата ТВ картица гледав TV со помош на Skype Video Conference.

вторник, февруари 06, 2007

Заплеткани во мрежата

Двапати се имам расправано со лектор кога „веб-сајт“ ми го преименувал во „интернет страница“. Баш ме рчна во срце што денешен Дневник застана на страната на лекторот. Текстот и целата кампања за заштита на македонскиот јазик се супер, ама мислам дека не бие терминолошки малер од моментот кога се објави дека ќе градиме „информатичко“ место информациско општество.

Прво, веб (WWW) не е исто што и интернет. Второ, двата збора се интернационализми, па не му правиме услуга на македонскиот јазик кога едниот ќе го замениме со другиот.

Ако веб-сајт, т.е. систем на веб-страници, го означиме како интернет страница, како ќе го крстиме тогаш терминот web-page? Лекторот од првиот пасус на ова шармантно ми одговори:

Ај не тупи сеа.