недела, декември 31, 2006

Лажливи сајтови

Судејќи според последните марифетлаци, се чини дека и во новата година Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ќе има чуден „однос“ со јавноста.

АЕК на 22 декември објави јавна расправа за последниот предлог-правилник (PDF, 37 KB). Во објавата стоеше дека јавната расправа ќе трае до 10 јануари и во тој период сите ќе можат да поднесат забелешки за предложениот текст. Во петокот, 29 декември, без никакво објаснување или посебно известување, ја сменија датата и сега јавната расправа трае до... баш до 29 декември. Сите што планирале после Нова година да поднесат забелешки за правилникот - може да се сметаат за зафркнати. Нека викнат „Уа, шнајдери“ и нека им служи како утеха дека, сепак, ги зезнале на ептен фраерски начин.

Инаку, законска обврска на Агенцијата е пред да ги усвои правилниците да ги објави за јавна расправа која треба да трае минимум месец дена. АЕК остава една или максимум две недели за ваква расправа - сега и со променливи дати. Изгледа дека се решени да ја прошират и онака долгата листа на прекршени законски одредби.

Друг марифетлак на АЕК - со долг историјат, но со нова манифестација - е да објавува информации на својот веб-сајт под стар датум. Така на пример, претпоследното соопштение за јавна расправа беше објавено на 21 декември, а на него стои датум - 18 декември.

Непостоечки, или необновени државни сајтови се многу лоша работа. Лажливи државни сајтови - е тоа е веќе страшно.

петок, декември 29, 2006

Бесплатен dial-up

Владата, преку оглас во дневните весници, ги објави детаљите како да се искористи бесплатниот интернет во сабота, недела, понеделник и вторник. Бесплатниот телефон е 055-200-200, username: vladanarm, password: ostvaruvame.

среда, декември 27, 2006

Интернет пенетрација од 1999 до 2006 год според ИТУ

Интернет пенетрација од 1999 до 2006 год според ИТУ

Internet penetracija 99-2006.jpg

Само податоците за 2006 година се земени одwww.internetworldstats.com

Internet penetracija 99-2006 tabela.jpg

Цени на АДСЛ конекција

Ceni ADSL.jpgCeni ADSL tabela.jpg

вторник, декември 26, 2006

АЕК - скап украс

100 вработени и над 4 милиони евра буџет. Импресивен формат! А импресивни резултати? На пример, евтин интернет, квалитетен интернет, широкодостапен интернет, конкуренција и во фиксната телефонија... Наместо резултати, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) скоро две години нуди само алиби. Де немале доволно моќ (да абдицираат), де се уште биле во формирање (иако постоеа и порано под друго име), де новинарите не ги разбирале работите, граѓанските здруженија биле нестручни, де само што не се видел некој аир од шетањето на „раководството“ по светот.

Интернет Македонија, на денешната прес-конференција, ги негираше тврдењата на Агенцијата дека пазарот на интернет услуги е целосно либерализиран. Според Интернет Македонија, смешно е да се зборува за постоење на конкурентен пазар кога цените за интернет пристап во Македонија се трипати повисоки од другите земји во Југоисточна Европа, а квалитетот е низок.

Зборувавме за интересни работи, на пример, зошто Македонија има најмал број интернет провајдери во регионот, или зошто е поголема веројатноста да ти падне клавир на глава одошто да добиеш одговор на приговор поднесен до АЕК.

Разврзувањето на локалната јамка, т.е. овозможувањето на другите провајдери да ја користат инфраструктурата на Телеком за да понудат поевтини телефонски и интернет услуги, е процес кој АЕК успешно го одлага веќе година и пол...

Повеќе за многу скапиот украс.

Бесплатен интернет

На 30, 31 декември годинава и 1, 2 јануари идната година, Владата ќе обезбеди бесплатен интернет за сите граѓани, најави вчера Иво Ивановски, новиот министер без ресор задолжен за информатичко општество.

Корисничкото име за бесплатниот интернет за време на новогодишните празници е "владанарм" и лозинка "остваруваме". Владата покрај трошоците за пристапот преку сите провајдери во земјава, ќе ги покрие и трошоците за импулсите.

Министерот Ивановски вети неколкудневен бесплатен пристап до интернет и во мај, како и кон крајот на 2007 година. Тој најави и масовна информатичка програма за едукација на граѓаните, што ќе биде објавена во медиумите кон крајот на март идната година.

Горното е преземено од Вечер - Четири дена бесплатен интернет.

петок, декември 22, 2006

Иво Ивановски

Собранието вчера доцна попладнето го избра Иво Ивановски за министер без ресор во Владата на премиерот Никола Груевски, кој ќе биде задолжен за информациско општество.

Ивановски доаѓа од САД, каде што работел во компанија за пластика. „Пласколајт инк.“ една од поголемите фабрики за пластика во Охајо - САД - како директор на секторот за информациска технологија. Ивановски (28 години) поседува повеќе дипломи од америчките универзитети .... Ивановски е и еден од основачите на Македонската православна младинска асоцијација во Северна Америка.

И досега се споменуваше името на Ивановски како иден министер за информациско општество. До назначувањето, Иво Ивановски беше советник на премиерот за ИТ. Ивановски по потекло е Битолчанец.

Па, Иво, нека ти е среќно назначувањето - ти посакуваме успешни резултати во твојот ангажман во Владата на РМ.