понеделник, декември 11, 2006

Демистификација - преносливост на број

ШТО на број? Ај да преведам. Еве, на пример, сакаш да се преселиш од Ѓорче во Аеродром и да го задржиш истиот број на фиксниот телефон. Од Телеком ти викаат: „Ау, тоа е невозможно!“ После вртиш кај братучетка ти што работи во Телеком и ти вика: „Нема проблем, ќе средам за пет минути.“

А што ако посакаш да се префрлиш од Ти мобајл на Космофон, или обратно, без да ти се смени бројот на мобилниот? Хмм, ќе бараш братучетки што работат во двете фирми? Утре може ќе посакаш и да го задржиш бројот на фиксниот телефон, а во исто време да преминеш од Телеком кон некој друг - hopefully поевтин - фиксен оператор.

Пусти желби? Не, од пред 20 месеци ова се законски права на секој претплатник. Во јазикот на бирократите го добиваат шифрираниот назив „право на преносливост на број“. Правото денес постои само на хартија (читај: закон), а за да почне практичната примена, Агенцијата, КОНЕЧНО, се реши да донесе правилник (читај: уште хартија). Како и со другите хартии од АЕК, и со оваа се предлага ограничување на правата на претплатниците (.DOC, 171 KB), и штитење на операторите... Пред сè Телеком.

Преносливоста на број не е директно поврзана со интернетот, но е поврзана со заштита на правата на претплатниците и создавање на конкуренција меѓу операторите. Затоа, Интернет Македонија поднесе забелешки на предложениот правилник. На Агенцијата и предложивме:
  • правото за пренесување на телефонски број од една на друга адреса да почне да се применува веднаш (за да не се деранжираат братучетките вработени во Телеком);
  • правото за пренос на број од еден мобилен оператор на друг, или од фиксен кон друг фиксен оператор да почне да се применува од јули следната година (наместо октомври 2008);
  • да не се измислуваат причини за натамошно развлекување на овие рокови;
  • еднократниот надомест за пренос на телефонскиот број, кој ќе го наплаќат операторите, да не биде повисок од 350 денари;
  • операторите да не можат своеволно да наметнуваат дополнителни услови за преносливост на број;
  • во случај кога претплатникот судски ги оспорил сметките од операторот, неговото барање за пренесување на број да не може да биде одбиено поради неплатените сметки;
  • при одбивање на барање за пренесување на број, претплатникот задолжително да биде информиран за причините за одбивањето;
  • споровите за пренесување на број Агенцијата да ги решава во рок не подолг од 15 дена (наместо 42-120 дена).

недела, декември 10, 2006

Информациското општество и новата Влада

Таман мислевме дека новата Влада заборави на своите предизборни ветувања во врска со

развојот на новите технологии и Интернетот како медиум ... нели, во предизборието се ветуваше:
  • Дека ќе го укинат монополот на МТ (де факто укинување...) ... Тука Владата започна со проба да ја смени АЕК - која стана најголем кочничар во фактичкото демонополизирање на МТ... Сега околу Нова Година ќе излезе на виделина нов закон за спојување на АЕК и Советот за радиодифузија ...
  • Дека ќе обезбеди услови за поевтинување на Интернет пристапот ... како, уште не слушнавме ...
  • Дека ќе обезбеди бесплатен Интернет за сите граѓани во Македонија во период од, година дена, чинам беше ....
  • Дека ќе обезбеди евтини компјутери за сите граѓани на Македонија и посебно за учениците и студентите ...
  • Дека ќе пристапи кон државна интервенција во областа на информациското општество и зголемувањето на ИП ....
  • Сето ова ќе доведе до зголемување на Интернет пенетрацијата во МК ... А Интернетот е продуктивна работа ... така да, со време сите ќе сфатиме кои се предностите на високиот процент на ИП ...
Значи, таман мислевме дека Владата ги заборави своите предизборни ветувања и се спремавме да ја напаѓаме за тоа - на денешниот прес, Вицепремиерот на Владата, Зоран Ставревски обзнани:
  • власта ќе го развива информациското општество;
  • ќе се набавуваат компјутери за сите деца во училиштата.
„Средствата се веќе обезбедени половина во буџетот за 2007 година, околу девет милиони евра, и останатите ќе бидат обезбедени во буџетот за 2008 година. Вкупниот проект предвидуваме да чини околу 20-22 милиони евра“, изјави Зоран Ставревски, вицепремиер за економски прашања.

Интернет Македонија стои на располагање да помогне во процесите, кои ги започна Владата, а одат во правец на подобрување и поевтинување на Интернет пристапот во МК - што всушност се првите и главните програмски начела на НВО - ИМ.


Извор на веста е написот на А1 - Владата ќе го развива информатичкото општество

петок, декември 08, 2006

Пораст на МК - ИТ пазар

Од денешен Вечер дознаваме дека - водечката светска маркетинг и консалтинг компанија ИДЦ ја направи првата студија за македонскиот ИТ пазар.

** Приходите од ИТ во земјава за 2005, според студијата се зголемени за 17 проценти, односно нешто над 73 милиони долари, а за годинава се предвидува растот да биде уште 15 проценти.

** Македонската влада, се вели во анализата, и натаму е водечки купувач на ИТ, а по неа следат банкарскиот и телекомуникацискиот сектор.

** Водечките сегменти на македонскиот ИТ пазар во 2005 години беа персоналните компјутери чиј промет е зголемен за над 24 проценти.

АЕК сепак ќе биде сменета

Новата Влада изгледа сепак најде начин како да ги смени луѓето во АЕК кои ги прогласи за кочничари во либерализацијата на телекомуникацискиот сектор во МК.

Имено до крајот на годинава Владата планира да се укинат Советот за радиодифузија и Агенцијата за електронски комуникации и да се формира единствено регулаторно тело, кое ќе ги обединува нивните надлежности и ќе се вика агенција за електронски комуникации и радиодифузија.

Извор - денешен Дневник - ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА РАДИОДИФУЗИЈАТА

** Со тоа ќе се реализира делот од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за соединувањето на двете регулаторни тела до крајот на годинава. Според програмата, спојувањето се прави за да се создаде мала и ефикасна администрација со цел да се привлечат странски инвестиции во телекомуникацискиот и радиодифузниот сектор и поголема либерализација на овие пазари.

** Со измените на двата закона ќе престанат мандатите на актуелните членови на двете независни регулаторни тела, кои беа избрани во мандатот на СДСМ.

четврток, декември 07, 2006

НА ИНТЕРНЕТ - ТАЈНИ ДОСИЕЈА!


Бугарскиот Парламент - Народно събрание на България - донесе закон за отворање на тајните досиеја од времето на студената војна ... За нас интернетџиите интересно е тоа што бугарскиот законодавец предвидел тајните досиеја да ги закачи на интернет и сите кои сакаат да дознаат дали имаат тајно досије ќе можат тоа да го сторат непречено во едноставна процедура на Интернет ...

Бугарија и со овој потег неминовно ќе ја зголеми ИП (интернет пенетрацијата) ....
Извор на веста денешен Вечер: Тајните документи на интернет

среда, декември 06, 2006

WiMax - ТЕНДЕР

Изгледа дека Владата и АЕК почнаа да дуваат низ ветер заедно ... По формирањето, новата Влада настојуваше да најде начин како да го смени раководството на АЕК - кое го сметаше за еден од главните кочничари за де факто нелиберализацијата на телекомуникацискиот пазар во МК (нели ќе го менуваа законот...) ...

Тогаш АЕК го одбрани европската формална и неформална политика, која застана на страна АЕК, т.е. на принципот за независноста на “независната“ агенција АЕК ...

Брзо потоа следат две акции кои АЕК веднаш ги проследи...

Имено, во првиот случај се работеше за распишување на тендер за трет мобилен оператор со услови договорени со стручните лица на Владата ...
А еве сега, кратко време по посетата на Мајк Зафировски чија компанија е заинтересирана за развој на WiMax во МК .... АЕК распишува тендер за доделување на фрекфенции за радиофреквенции од опсегот 3,4-3,6 гигахерци за фиксен безжичен пристап WiMax.

Оваа услуга поддржува Интернет со поголем капацитет и брзина, како и Воип, кој овозможува пренос на секаков вид податоци, звук, говор, слика, видео итн.

Веста изворно ја прочитав во денешен Утрински - “Тендер за фреквенции за фиксен безжичен пристап WiMax


КНИГАТА И ИНТЕРНЕТОТ

Може ли книгата да биде загрозена од Интернетот!?

Ова е прашање кое го поставуваат многумина во светлото на слободата на пристап на Интернетот ... Умберто Еко (Umberto Eco), на саемот за книгата во Пула, изјавува дека сепак Интернетот не ја загрозува книгата ...

За ова пишува денешен Дневник - во написот:
Книгата не е загрозена од интернетот“

**
Тој го повторил своето уверување дека книгата не е загрозена од новите медиуми.
„Книгата веќе никој не може да ја промени“, изјавил Еко.
Тој не е загрижен за судбината на книгата во времето на глобализацијата и интернетот.